За платформата #ДеполaризирајСе, дел од проектот „Преку деполаризација до демократски, стабилни и вклучувачки институции: Придонес на граѓанското општество“, Институтот за медиуми и аналиктика ИМА разговараше со Народниот правобранител, г. Насер Зибери.

Во фокус на ова првиот дел од интервјуто се активностите што ги спроведуваат институциите во рамки на преговорите за членство во ЕУ, поконкретно – прашањата опфатени со скринингот и првиот кластер на преговорите, за фундаменталните вредности,  функционирањето на демократските институции, владеењето на правото и административната правда, како и меѓуресорската соработка.

Зибери: Фундаментално е спроведувањето на препораките на Народниот бранител за прекршувањето на човековите права и слободи од страна на институциите

ИМА: Институцијата Народен правобранител учествуваше во скрининг – процесот, со кој земјата ги отвори преговорите за членство во Европската унија. Можете ли да ги споделите вашите искуства, и во кој дел од преговорите со ЕУ Народниот правобранител може да даде свој придонес, покрај кластерот „фундаментални права“?

Зибери: Овој кластер во рамките на поглавјето 23 што се занимава со судството, односно со правосудниот систем и основните права, се занимава и со основните вредности, човековите права и, во оваа смисла, институцијата Народен правобранител, Комисијата за спречување на дискриминација, Комисијата за спречување на корупцијата и други, се институции кои се директно повикани да градат демократски вредности и да спречат девијантни појави во општеството.

Во оваа смисла, имавме три средби со претставници на Европската комисија како дел од процесот на скрининг,  на кои најпрвин разговаравме за правната инфраструктура што ја покрива оваа област, особено за институцијата Народен правобранител, која ја претставува основната национална институција за заштитата на човековите права и слободи, потоа за организирањето на институцијата, нејзиниот опфат и начин на функционирање, кадровските капацитети.

И, делот што мислам дека е најсуштински е имплементацијата на препораките што ги дава институцијата Народен правобранител во случаите кога се констатирани прекршувања на човековите права и слободи, и од органите на јавната администрација и другите институции кои вршат јавни функции.

 

Секако, во разговорите ги истакнавме и нашите слабости кои нe следат, како што се недостатокот на кадровски капацитети, професионални искуства кои мора да се подигнат на повисоко ниво, и за кои Европската комисија во рамките на ИПА програмите има доделено експертиза која се развива во рамките на институцијата.

И, се надевам дека ќе биде во интерес на подигање на овие капацитети и вредности на институцијата Народен правобранител, и на практичните пречки, кои се последица на непостапувањето на другите институции – недостатокот на пет заменици на Народниот правобранител, кои речиси две години не се избрани. Парламентот не наоѓа консензус за решавање на проблемот; Неекипирањето на еден тим поврзан со надзорот на работата на полицијата и особено на лицата со посебни овластувања и затворската полиција, како и други проблеми. Се надевам дека Европската комисија во својот извештај, по завршувањето на овој скрининг процес, ќе ги идентификува прецизно и ќе ги адресира на соодветно место.

ИМА: Како заштитник на правата на граѓаните и контролен механизам на работата на администрацијата, какви мерки презема Народниот правобранител за остварување на принципот на владеење на правото, за поефикасен систем и административна правда? Неодамна, ги коментиравте последните измени во Кривичниот законик…

Зибери: Владеењето на правото и почитувањето на правниот поредок претставуваат темелна вредност на уставниот поредок на државата, односно се главната вредност во организирањето на државата. И, задолжително е Народниот правобранител да се интересира овој принцип да функционира директно, на превентивен начин, за да не дојде до прекршување на човековите права и слободи на секој граѓанин, за што ние во рамките на нашите надлежности постапуваме во две насоки:

Прво, на превентивен и афирмативен план – афирмирајќи го преку медиумите, преку состаноци, преку конференции, преку различни средби, со вклучување на експерти и личности од академскиот свет во рамките на нашата дејност. И, на вториот план – нашето дејствување по претставките што граѓаните ги поднесуваат до институцијата Народен правобранител.

И, додека сме тука, да кажам дека стана пракса во последните три-четири години да се доставуваат над 3.000 претставки и жалби до нашата институција, и тие ја претставуваат, значи, иницијалната каписла за почеток на постапување на институцијата Народен правобранител.

Се разбира, нашите инструменти се законски и се значајни, во смисла дека секој орган, согласно со Законот за Народен правобранител, е должен да одговори на претставката што му ја упатуваме. Имаме право да интервенираме и да ја надгледуваме работата на која било институција, како постапила во конкретниот случај, во случај на претставка упатена до нас да ги побараме материјалите за наша експертиза, а по завршувањето на тоа да дадеме препорака за надминување на евентуалното прекршување кое може да се констатира од наша страна. Доколку органот не одговори позитивно, во смисла на спроведување на препораката на Народниот правобранител – Народниот правобранител се обраќа до највисоката институција во чии рамки е сторен прекршокот, а доколку и тој не преземе мерки, тогаш се обраќаме до Владата и на крај до Собранието, како институција пред која одговараат сите институции.

Секако, за областа што ја споменавте пред малку, во однос на овластувањата, лицата со посебни овластувања, во рамките на МВР и институцијата затворска полиција, имаме и дополнителни овластувања за поведување кривична постапка пред надлежното обвинителство, односно Основното обвинителство, или можеме да изречеме и прекршочни мерки, кои му ги предлагаме на судот, а судот истите ги изрекува.

 

Значи, тоа се нашите капацитети, од кои во одредени сфери сме задоволни како постапуваме, во одредени сфери не сме, затоа што, за волја на вистината, сакам да кажам дека во последнава година, институциите под притисок на Генералниот секретаријат на Владата се повнимателни во смисла на кооперација и соработка со институцијата Народен правобранител, но не сме задоволни во однос на квалитетот на одговорите што ги добиваме. И, само за илустрација, да ви кажам дека од сите претставки упатени до нас, 30 проценти од констатациите за прекршување на човековите права и слободи резултираа со корекција на постапувањето на институциите на државната управа. А, кога ќе го споредите ова, да речеме, со извештајот на Комисијата за спречување на корупцијата, кој е само 10 проценти, може да изгледа поволно.

Но, и со ова не сме задоволни, бидејќи сметаме дека институциите треба да бидат повнимателни, а во случаите кога прекршувањата се евидентни и документирани од наша страна, институциите мора да се придржуваат до препораките.

Зибери: Не можам да молчам за измените во Кривичниот законик

ИМА: За Кривичниот законик – јавно дадовте коментари за измените на Кривичниот законик, кои беа донесени со европско знаменце. Која е вашата оцена?

Зибери: Имам три забелешки во однос на измените на Кривичниот законик. Прво, морам од старт да кажам дека казнените политики, кривичните политики се надлежност на Собранието и на Владата, не се во рацете на Народниот правобранител. Но, гледано од перспектива на заштита на човековите права и слободи, секако не можам да молчам за една измена од ваква природа.

Прво, мислам дека е надмината употребата на европското знаменце како начин за елиминирање и избегнување на редовната процедура при донесување законски измени и, не случајно, Европската комисија неколкупати реагираше дека овој инструмент се злоупотребува и се плашам дека Европската комисија може да преземе некоја мерка во оваа насока за да ја забрани понатамошната употреба на овој инструмент и разни закони кои не се директно поврзани со процесот на усогласување на законодавството на земјата со законодавството на Европската Унија.

Второ – мислам дека како резултат на употребата на симболот на Европската унија беше оневозможено да се отвори попродуктивна дебата во која би се вклучиле, покрај политиката, односно пратениците, министрите, владата – исто така и академскиот свет, кој секако има многу да каже за овие прашања, и да биде вклучен и професионалниот свет – односно судии, адвокати итн.

За жал, Собранието ја занемари можноста за отворање посуштинска дискусија, бидејќи овие кривични дела, кои беа предмет на измена на Кривичниот законик, се основни за владеењето на правото и правдата, тие се основни за спречување на раната која, да не речам дека се претвора во канцер, но трендовите се дека навистина се претвора во неизлечива рана, во однос на спречувањето на организираниот криминал и корупцијата.

Не сме во ситуација и позиција на Германија, Франција, земјите на кои се повикува нашиот законодавец, да ја оправдаме одлуката за измена на Кривичниот законик во овој домен. И затоа, предвидувањето на овие мерки, санкциите што беа досега, секако имаа своја причина зошто биле дел од законот, со оглед на интензитетот на злоупотреба на службената должност и состојбата во областа на корупцијата.

Зибери главно задоволен од соработката со другите институции за измена на финансиските закони за добро на граѓаните

ИМА: Каква соработка имате со државните институции кон кои упатувате препораки, и дали може да наведете успешни примери за интерсекторска соработка, во функција на остварување на човековите права и слободи?

Зибери: За среќа, да. Ќе спомнам само некои од главните прашања, бидејќи секојдневно се соочуваме со институциите и се обидуваме да ги решиме проблемите. Но, тие што е се најважни, јас сум задоволен од некои иницијативи што ги презеде Народниот правобранител.

Првата иницијатива беше измена на регулативата за енергетика што доведе до промени во начинот на читање на струјомерите, бидејќи се соочивме со една реалност дека во изминатиот период се давале паушални сметки, без да се читаат струјомерите со години наназад, затоа што врз основа на постоечкиот закон и регулатива, операторот имаше обврска да чита струјомер само еднаш годишно, а граѓаните тонеа во длабоки долгови, без можност да ги платат таквите сметки, додека операторот по една година им враќаше средства ако платиле повеќе. Ова прашање, на наша иницијатива, Регулаторната комисија го коригираше и постапувањето е позитивно. Во оваа насока, драстично е намален бројот на претставки на тој план за правата на потрошувачите.

Задоволен сум и од иницијативата за законски измени во Законот за облигациони односи, Законот за извршување и Законот за финансиско работење. Во текот на нашата работа, констатиравме дека граѓаните се ставени во исклучително тешка финансиска состојба како резултат на неограничената камата за процесот на извршување пред извршителите. И, ние го побаравме ланскиот годишен извештај, најавив и покренав иницијатива за измени на овие закони.

И, за волја на вистината, морам да кажам дека Владата не покажа подготвеност, нè извести дека иницијативата ќе ја проследи до комисијата при Министерството за правда, која работи на промена на граѓанскиот законик – законик кој не се донесува еве веќе петнаесет години, кој е во процес на изработка и никако да ја види светлината на денот.

Но, во соработка со пратениците, пратениците ја прифатија иницијативата и, по скратена постапка, пратениците покренаа иницијатива за измена на трите закони и успеаја во Законот за облигационите односи да ја ограничат казнената камата до висината на главниот долг, затоа што имавме апсурдни ситуации, каматата да биде три пати поголема од главниот долг, а често имавме и случаи на уникатен апсурд, дека долгот во меѓувреме се префрлаше дури и на наследниците на лице што во меѓувреме починало.

 

Значи, законот поставува еден плафон, кој се надевам дека не е на штета на доверителите, но не им штети ниту на должниците. Исто така, во постапката на извршување дадовме два предлога кои исто така ги прифати Собранието – да се ограничи рокот на застарување на предметите. Затоа што, имавме ситуација во која одредени доверители ги чуваа налозите за наплата десет години. Во меѓувреме, десет години се собира каматата, која, значи, не беше ограничена, а еден месец пред истекот на рокот се поднесуваше за извршување, додека граѓаните влегуваа во долгови до гуша. Законот го ограничува рокот на застарување на овие предмети на пет години. А, доколку еден правосилен акт за извршување не се реализира и изврши во рок од пет години, тој застарува. И, од друга страна, нека се задржи актот пет години и нека не се активира, но каматата нема да биде неограничена туку ќе биде ограничена до сумата на главниот долг.

Во сферата на финансиското работење, исто така сум задоволен, бидејќи постигнавме овие финансиски друштва, кои даваат таканаречени бескаматни, но брзи кредити, честопати при администрирање на овие кредити наплаќале трошоци повеќекратно повисоки од кредитите што биле земени од граѓаните. Со оглед на тоа што корисници на овие кредити најчесто се социјални случаи кои во одредени моменти немаат ниту 50.000 денари или 30.000 денари и се обраќаат кон овие друштва, тие се ставаа во позиција на банкрот. И овде успеавме да дефинираме три прашања.

Прво, да не биде возможно да се дават два кредити на исто лице од истото финансиско друштво. А особено не втор кредит за покривање на првиот кредит, бидејќи на овој начин граѓаните сè повеќе тонеа. Успеавме да ја зголемиме транспарентноста на работата на овие друштва и ниту едно друштво не може да одобри кредит без писмено или електронски да го извести граѓанинот за обврските што ги добива при склучување на договорен однос со ова друштво. И, трето, постигнавме надзорот на овие друштва да биде во надлежност, покрај Министерството за финансии, и на Светската банка, бидејќи од информациите што ги добивме при вршењето на нашата функција, дојдовме до фрапантен заклучок дека од сите надзори што ги има направено Министерството за финансии, во 90 проценти од случаите се констатирани прекршувања на прописите.

Се разбира, има и други иницијативи, кои се насочени во функција на подобрување на активностите. Последно е што пред три дена се обратив до Владата со иницијатива за измена на подзаконските акти на Законот за извршување, во кој предлагаме да се смени подзаконски акт, со кој се регулира формата на обрасците за работа на извршителите, која според мене сериозно ги крши човековите права и слободи. Станува збор за ова – во извршното решение на извршителот, на крајот мора да има и правна поука дека незадоволната странка во наведениот рок може да го оствари правото на приговор, односно да се жали до соодветниот суд.

За жал, во постоечките формулари, изработени од Министерството за правда во 2019 година– не е наведен рокот во кој граѓанинот има право на приговор, туку го упатува извршувањето на жалбата да го направи согласно со Законот за извршување, Член 86. Кога знаеме дека огромно мнозинство, да не речам 99 проценти од граѓаните се правно необразовани и немаат обврска да ги знаат прописите, тие се принудени да му се јават на извршителот, Министерството за правда, на адвокат, наместо едноставно да се каже дека незадоволната странка во рок од три дена предвиден со закон има право на жалба. И, се надевам дека Владата ќе го прифати овој предлог, бидејќи, за жал, Министерството за правда ни одговори негативно, со изговор дека граѓаните имаат доволно правно образование, што апсолутно не држи.

На крајот на краиштата, кога би се следела таа логика, ниту една пресуда, ниту една управна одлука, во правната поука не би го напишале рокот во кој може да се поднесе жалба. Можете да замислите каква е ситуацијата кога ќе заврши пресудата со затворска казна, а вие му велите дека имате право на жалба согласно со Законот за кривична постапка. Своевиден апсурд. И, мислам дека тоа не е случајно, јас лично се сомневам, немам аргументи, дека тоа е направено намерно, извршните решенија да станат правосилни за граѓаните да немаат можност да се жалат до судовите. На овој начин, да се зголеми ефикасноста на извршувањето, односно доверителите и извршителите да бидат поефикасни. Но, во овој случај не се штити интересот на должникот, кој се доведува во ситуација да не може да се жали во предвидениот рок.

 

Разговорот го водеше Петрит Сарачини на 21.09.2023 година.

Камера и монтажа: Жарко Трајаноски

Превод: Меритон Туша

#демократски_институции #institucione_demokratike #democratic_institutions #CivicaMobilitas

Проектот се спроведува со финансиска поддршка преку програмата Цивика мобилитас

Picture

Дисклејмер: Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), кој го спроведуваат НИРАС, МЦМС и ФЦГ. Мислењата кои се изразени овде не нужно ги одразуваат ставовите на Цивика мобилитас, СДЦ или пак спроведувачките организации