Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) поднесе барање до Судски совет за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судијата Јованка Спировска Панева од Основен граѓански суд Скопје за сторена дисциплинска повреда – нестручно и несовесно вршење на судиската функција, соопштија од ЗНМ.
„На 13-ти октомври се одржа рочиште за постапка поведена по поднесена тужба за утврдување на граѓанска одговорност за навреда и клевета од Кочо Анѓушев, поранешниот вицепремиер во Владата на РСМ против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главниот и одговорен уредник Сашка Цветковска за објавената сторија со наслов „Заговор против воздухот“ објавена на 16.05.2021 година. По извршениот распит на странките, судијката Јованка Спировска Панева која го водеше рочиштето побара од новинарите и останатите лица кои беа во својство на јавност да ја напуштат судницата со усно образложение дека ќе се изведе доказ „Соочување на странки“ бидејќи изведувањето на овој доказ бара исклучување на јавноста. Оваа постапка го попречи и следењето на рочиштето кое ЗНМ со години го има како пракса во случаи како странка се јавува медиумски работник“, информираат од ЗНМ.
Како Здружение кое со години се бори за слобода на изразување и за правото на јавноста да биде информирана преку информациите што ги пренесуваат новинарите, нивното исклучување од судница за случај кој се води против нив, а поведен од високи функционери нема апсолутно никаква законска оправданост, укажуваат од ЗНМ. „Според одредбите од Законот за парнична постапка и според нашето сознание на рочиштето ниту се оддавала службена, деловна или лична тајна, ниту се нарушува јавниот ред, ниту пак е спротивно на општо прифатените морални вредности“, се вели во соопштението на Здружението.
Според ЗНМ, тие не треба да бидат замолчувани без право на пристап до информации, посебно во случаи каде тие се страната која е тужена заради завршена истражувачка работа. Ваквите постапки се директен напад на слободата на изразување која се темели на препораките поставени од Советот на Европа и Европската конвенција за човекови права.
Скорешни коментари