Институтот за медиуми и аналитика ИМА, во рамки на проектот „Преку деполаризација до демократски, стабилни и инклузивни институции: Придонес на граѓанското општество“, денеска во Скопје ја промовираше публикацијата: „Во(н) фокусот на медиумите: Демократски институции, владеење на правото и реформи во јавната администрација“ – извештај од мониторинг на медиумите за темите: „демократски институции“, „владеење на правото“ и „реформа на јавна администрација“.

По воведното обраќање на амбасадорката на Швајцарија во Р.Северна Македонија, Н.Е. Вероник Хулман, следуваше панел-дискусијата на која говореа вицепремиерката задолжена за политики на добро владеење Славица Грковска, директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) Александар Кржаловски, директорката на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје (ИОХН-Скопје) д-р Катерина Колозова, и раководителот на истражувања во ИМА Жарко Трајаноски.

Вероник Хулман, амбасадор на Швајцарија во Република Северна Македонија. фото: ИМА.мк

Вероник Хулман, амбасадор на Швајцарија во Република Северна Македонија. фото: ИМА.мк

„Во една демократска држава, граѓанското општество и медиумите имаат суштинска улога. Особено да ја следат работата на државните институции и политичарите и да бараат поголема транспарентност и одговорност; да го мониторираат користењето на средствата и реализацијата на проектите; да дадат глас на различни групи, особено на ранливите групи, жените, младите, малцинствата, и да обезбедат дека интересот на оние кои имаат помала моќ се зема исто така предвид од носителите на одлуки; и да се залагаат за развивање и спроведување на ефективни и инклузивни политики“, истакна во нејзиното обраќање швајцарската амбасадорка Хулман.

Вицепремиерката Грковска посочи дека во јавноста тешко пробиваат теми поврзани со демократските вредности и со потребата од јакнење т.н. меки вештини, а кои се клучни за да се подобрат човечките капацитети во институциите. „Свесна сум дека напорите кои ги преземаме преку специфични политики и мерки за вградување во системот на принципите како етика, одговорност, отчетност, понекогаш се чинат наивни, особено кога ги ставаме во контекст на конкретни случаи кога затаила испораката на правда. Но токму отсуството на свест за штетноста на неодговорното, непрофесионалното и незаконско однесување е една од причините за високата толеранција кон корупцијата во општеството. Затоа сум уверена дека паралелно со реформите на полето на владеење на правото, мора континуирано да се работи на менување на светогледот“, истакна Грковска.

Славица Грковска, вицепремиерка задолжена за политики на добро владеење, фото: ИМА.мк

Славица Грковска, вицепремиерка задолжена за политики на добро владеење, фото: ИМА.мк

„Како сè уште млада демократија, Македонија е далеку од културата на уважување и почит кон политичкиот противник, а уште подалеку од толеранцијата на различното мислење. За жал тоа им погодува на партиите за стекнување симпатизери (а плус е и глобален тренд), а за жал и медиумите не прават доволно за обесхрабрување на таквата реторика – би ги спомнал примерите со бесмислените прес-конференции и партиски соопштенија“, посочи во дискусијата директорот на МЦМС, Александар Кржаловски осврнувајќи се на видливата политичка поларизација во општеството.

Александар Кржаловски, директор на МЦМС, фото: ИМА.мк

Александар Кржаловски, директор на МЦМС, фото: ИМА.мк

Директорката на ИОХН-Скопје, д-р Катерина Колозова укажа според наодите на Бејслајн студијата изработена од овој проект, интерсекторскиот приод е сѐ уште практично отсутен во планирањето на политиките, што може да се увиди од самопрезентацијата на земјата како и од одговорите на Комисијата во Извештајот од скринингот за Северна Македонија, објавен во јули 2023 година. „Кластерот 1, Темели, ги пронижува сите други кластери на секторски реформи, а, со тоа, доброто управување и управната правда се темелникот (cornerstone) на европските и демократски институции. Навидум демократски избори и соодветен изборен систем се минимумот на Копенхашките критериуми. Многу повеќе од тоа, демократските институции се материјализација на темелните вредности во севкупниот јавен сектор, а нивниот погон е интерсекторската („кластерска“) методологија“, истакна Колозова.

д-р Катерина Колозова, директорка на ИОХН-Скопје,

„Медиумите не се доволно фокусирани на темите демократски институции, владеење на правото, борба против корупцијата, реформа на јавната администрација, дигитализација, како теми кои се од особен интерес за граѓаните и за подобрување на нивниот квалитет на живот. При покривањето на овие теми, медиумите не се придржуваат секогаш на принципот на проверка на факти, не обезбедуваат доволно критички извори од граѓанското општество и непосредни изјави од граѓаните, и известуваат со јазик кој не е доволно разбирлив за граѓаните“, смета Жарко Трајаноски од ИМА, автор на публикацијата што беше промовирана на овој настан.

Жарко Трајаноски, раководител на истражувања во ИМА, фото: ИМА.мк

Жарко Трајаноски, раководител на истражувања во ИМА, фото: ИМА.мк

Публикацијата и панел-дискусијата што се одржа денес се дел од активностите на проектот „Преку деполаризација до демократски, стабилни и инклузивни институции: Придонес на граѓанското општество“, што го спроведуваат Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје (ИОХН-С), Институтот за медиуми и аналитика (ИМА), Балканскиот институт за регионална соработка (БИРС) и Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“. Проектот е финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата ЦИВИКА Мобилитас. Цел на проектот е критички и информиран дијалог, следење, анализа и застапување на политики, кои ќе придонесат за зајакнување на капацитетите на извршната власт за градење демократски и инклузивни институции.

 

Петрит Сарачини

#демократски_институции #institucione_demokratike #democratic_institutions #CivicaMobilitas

Проектот се спроведува со финансиска поддршка преку програмата Цивика мобилитас

Picture

Дисклејмер: Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), кој го спроведуваат НИРАС, МЦМС и ФЦГ. Мислењата кои се изразени овде не нужно ги одразуваат ставовите на Цивика мобилитас, СДЦ или пак спроведувачките организации