Во врска со најновиот Извештај на ЕК за земјава, во медиумите во земјава се појавија многу написи, меѓу кои имаше и такви што изнесуваа неточни и непоткрепени информации и манипулации.

Дел од медиумите се фокусираа само на позитивните аспекти на извештајот и пренесоа манипулации или оценки, кои не соодветствуваат со наведените оценки.

На пример, повеќе медиуми објавија дека „Извештајот на Европската комисија посочува дека Северна Македонија има прогрес во 81 отсто од поглавјата, додека нема назадување во ниту едно“.

Меѓутоа, во извештајот на ЕК за земјава нема такво посочување, ниту се спомнуваат конкретни проценти на прогрес или „81 отсто“. ЕК не дава оценки во проценти, а го нема ни изразот „нема назадување“. Како што е наведено и во самиот извештај, ЕК го оценува напредокот со следниве оцени: „назадување“, „нема напредок“, „ограничен напредок“, „одреден напредок“, „добар напредок“, и „многу добар напредок“.

Притоа, во медиумските содржини не се известува дека оцената „нема напредок“ е дадена за неколку поглавја, а се известува дека „нема назадување во ниту едно“.

Токму затоа, ваквите известувања може да се оценат како манипулативни, вклучително и тоа дека извештајот посочувал прогрес во 81 отсто од поглавјата.

Некои го гледаа извештајот на ЕК со „розови“, а некои со „темни“ очила. Наспроти оние што се фокусираа на позитивните аспекти, повеќе медиуми ги пренесуваа само јавните критики и негативни толкувања на Извештајот на ЕК. На пример, дел од нив ги пренесоа тврдењата на портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, дека извештајот бил „одраз на состојбата на стагнација и во одреден дел назадување во која се наоѓа Македонија“.

Но, дали ЕК констатира „назадување“ (backsliding), што е најниска оценка од сите? Оценка „назадување“ не е дадена ниту еднаш во извештајот за земјава за 2023 година, иако таква оценка е дадена, на пример, за Босна и Херцеговина и Турција. Следствено, тврдењата дека извештајот на ЕК одразува назадување не се поткрепени со оценки од извештајот и може да се протолкуваат како манипулација.

Второ, дали е точно дека Македонија го доби историски најлошиот извештај од Европската комисија, како што тврдеа неколку медиуми и извори? И оваа констатација не ја поминува проверката на факти. Имено, повеќе години претходно земјава била оценувана со „назадување“ во разни области. На пример, извештајот од 2014 констатира ќорсокак во пристапниот процес и назадување кое е очигледно во некои области. Во 2015 имаше оценка „назадување“ поради политичко вмешување во судството и менаџирањето на јавните финансии. Во 2016 година се констатираше дека назадувањето продолжило во некои критични подрачја од владеењето од правото. Токму затоа, и тврдењата за „најлош извештај“ на ЕК годинава ги оценуваме како непоткрепени.

Потоа, порталот „Пресингтв“ објави во наслов дека „Нема никаков напредок е најчестата реченица во извештајот на ЕК“. Но, изразот „нема напредок“ се спомнува 40 пати во Извештајот за 2023, а изразот „одреден напредок“ (some progress) се спомнува 48 пати. Оттаму, не е точно дека „Нема никаков напредок е најчестата реченица“, ниту пак е најчест израз или оценка во извештајот на ЕК за земјава.

Некои медиуми, пак, објавија во наслов дека „нема напредок во ниту една област“, а други утврдија експертска согласност, дека „Европската комисија не гледа напредок на Македонија“. Но оценката „нема напредок“ се однесува на конкретни поглавја или подрачја, како, на пример, за судството или за превенцијата и борбата против корупцијата. Покрај оценката „одреден прогрес“, и оценката „ограничен напредок“ се среќава 30 пати, a изразот „добар напредок“ повеќе од десет пати. Токму затоа, општите тврдења дека „нема напредок во ниту една област“ и дека „Европската комисија не гледа напредок на Македонија“ не се поткрепени со оценките во извештајот.

Накусо, некои политичари и медиуми се фокусираа само на позитивните аспекти од Извештајот. Но, друг дел се фокусираа само на негативните аспекти. Притоа, тие јавно изнесуваа тврдења кои не соодветствуваат со напишаното во извештајот. Јавноста и граѓаните заслужуваат реално известување, а и преземање конкретни чекори за спроведување на препораките од извештајот, дел од кои се повторуваат со години. И од власта и институциите, и од опозицијата, и од медиумите.