Во соопштение на Јавното обвинитество од 15 јули се информира дека е поведена постапка „против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Предизвикување општа опасност“  затоа што „осомничениот извадил пиштол за светлосно-звучна сигнализација марка „EKOL Arаs Magnum” и испукал еден куршум во воздух.“

Во второто соопштение на јавното обвинителство од 15 јули Јавното обвинителство појаснува дека  „веќе се води постапка против уште едно лице кое е обвинето дека пукало со огнено оружје при наведениот инцидент“, дека „ова лице се наоѓа во притвор и против него Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение на 12 јули, за што јавноста веднаш беше известена“.

Навистина, уште на 12 јули ЈО известува дека „За предизвикување општа опасност се гони 40-годишен скопјанец, кој на 6 јули, на платото пред плоштадот „Скендербег“, со општо опасно средство – пиштол марка Волтер модел Р 99 со калибар 9х19 мм, кој го поседувал со дозвола, предизвикал значителна опасност за животот или телото на луѓето. За време на движењето на групата граѓани кои учествувале на јавниот собир, обвинетиот во два наврати испукал по два куршума во воздух.“

Но, иако Јавното обвинителство уште на 15 јули појасни дека „Двете постапки се однесуваат на различни сторители“, во јавноста беа пласирани бројни дезинформации и неосновани обвинувања кон МВР и ЈО.

Најнапред, неколку портали објавија манипулативни наслови со несоодветна фотографија (од претходно обвинетиот „пиштолџија“) дека Пиштолот на пиштолџијата од „Скендербег“ не е огнено оружје, вели Јавното обвинителство.

Потоа, повеќе медиуми објавија партиско соопштение со елементи на говор на омраза, без да ги проверат информациите, што е новинарска должност: ВМРО-ДПМНЕ: Предавникот Ковачевски прикрива докази за да го пушти пукачот од Мавровка (Макфакс, Курир, Канал 5, итн.)

Плусинфо тврди дека „пиштолот што го заплени полицијата не е истиот пиштол“, без да ја провери информацијата дали се работи за ист сторител: „ДА МУ СЕ ИЗВИНИМЕ НА ПУКАЧОТ АКО СМЕ ГО ВОЗНЕМИРИЛЕ? Пиштолот што го заплени полицијата не е истиот пиштол“. Во поднасловот се содржани неосновани обвиненија кон власта и кон премиерот и министерот за внатрешни работи, опишани со зборот „предавник“.

И највлијателните медиуми шират дезинформации за овој случај (ВМРО-ДПМНЕ: Кон народот се пукаше со огнено оружје, а Спасовски се обидува да ги сокрие доказите – Сител), игнорирајќи ја информацијата на ЈО дека „Двете постапки се однесуваат на различни сторители“.

Дезинформациите објавени во медиумите дополнително се искористуваат за неосновани напади и поттикнување омраза и нетрпеливост на социјалните мрежи.

ИМА упатува апел до медиумите и политичарите да ги повлечат објавените дезинформации, да ја објават информацијата на ЈО дека „Двете постапки се однесуваат на различни сторители“, и да ѝ се извинат на јавноста, политичарите и институциите заради објавените дезинформации, неосновани напади и обвинувања.