Како ехо на токсичната медиумско-политичка јавна дебата за „францускиот предлог“ и декларацијата за македонскиот јазик, говорот на омраза и дискриминацијата се пресели на Википедија со информациски упади на страниците на министерот за надворешни работи Бујар Османи, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на државата Стево Пендаровски.

Сѐ започна со хакерската интервенција на страницата на Википедија посветена на министерот за надворешни работи Бујар Османи која засега непознат „администратор“, на 23 јули во попладневните часови, ја менуваше содржината на англиската страница на Wikipedia со навредливи преименувања (дел од таквите преименувања на министерот за надворешни работи беа забележливи и на транспаренти на опозициските протести против т.н. „француски предлог“). Следуваа информациски упади на страниците на премиерот и претседателот, со навреди, дискриминаторски описи, и говор кој има за цел поттикнување омраза. Како морбидно поттикнување на омраза може да се смета и промената на страницата на премиерот каде што некој „администратор“ впишал и датум на негова смрт.

Станува збор за организиран пропаганден напад со јасно таргетирани цели, за синхронизирана акција со поддршка на домашни „фарми“ на ботови. На социјалните мрежи беа објавувани принтскринови веднаш по промените со навредлива, мразачка и дикриминаторска содржина, а пред страницата да се врати на нормалната содржина.

Сензационалистички известувајќи за овие упади на Википедија, мноштво медиуми придонесоа за дополнително ширење на дезинформации и поттикнување омраза, со што прекршија повеќе членови од новинарскиот кодекс.

Медиумите треба да се обучени да препознаваат пропагандни напади со дезинформации и со елементи на говор на омраза и дискриминација и при своето известување да се придржуваат до етичкиот императив на „минимизирање на штетата“.