За платформата #Деполaризирајсе, која е дел од проектот „Преку деполаризација до демократски, стабилни и вклучувачки институции: Придонес на граѓанското општество“, Институтот за медиуми и аналитика ИМА разговараше со заменик – претседателот на Владата на Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

Во фокус на првиот дел од интервјуто е спроведувањето на политиките на добро владеење за унапредување на демократските институции и владеењето на правото, справувањето со корупцијата и реформите во јавната администрација кои треба да резултираат со намалување на бироктатските препреки и побрзи и поквалитетни услуги за граѓаните. Во поширок контекст, овие теми се дел и од започнатите преговори за членство во ЕУ.

Грковска: Добро е што има притисок и контрола на јавноста врз политиките на Владата

ИМА: Какви мерки презема владата за да изгради демократски институции, фокусирани на остварување на човековите права и на потребите на граѓаните?

Грковска: Ако гледаме од аспект на времето, од моментот кога Македонија стана независна држава до денеска, факт е дека процесот на демократизација е процес, којшто во нашата држава имаше прилично голем број предизвици и во еден дел резултираше дури и со уназадување, затоа што бевме и окарактеризирани како заробена држава. И, кога го гледаме моменталниот статус на процесите, треба да видиме од каде сме почнале, особено како состав на оваа влада и, до каде сме стигнале. И, сметам дека тука ќе се согласиме, дека за кратко време ние ја сменивме перцепцијата.

Меѓутоа, не е само перцепцијата, и отвореноста и слободата на говорот и на медиумите и на граѓаните, и сите сме сведоци дека таа слобода на говор што ја имаат и граѓаните без да чувствуваат притоа дека можат да имаат последици за искажаниот став, за искажаното мислење, и во социјалните медиуми, и во медиумите, меѓутоа, исто така и новинарите – резултираа со прилично јак притисок и контрола од страна на јавноста врз политиките и потезите коишто Владата ги прави. И, сметам дека е тоа добро, заради тоа што транспарентноста е еден од најглавните контролни механизми, и една од најголемите придобивки на демократизацијата.

Грковска: Малата доверба во правосудството сериозен проблем, граѓаните сакаат да видат дека правдата е еднаква за сите

ИМА: Во една прилика изјавивте: „Граѓаните бараат правда, бараат владеење на правото, бараат еднаквост пред законот и ние мора тоа да им го овозможиме.” Што прави поконкретно Владата за да им овозможи на граѓаните владеење на правото, и еднаквост пред законот?

Грковска: Кога станува збор за легислатива, заради тоа што тој дел е обврска на владата, ние по сите параметри имаме добри законски решенија. Она што недостига е нивната правилна имплементација. И со право граѓаните реагираат, во овој дел најмногу, за жал, забелешките одат на адреса на правосудниот систем, и мене ми е многу жал што таа надеж, која што сите ние ја имавме со создавањето на Специјалното јавно обвинителство едноставно се сруши и ги уништи надежите на граѓаните дека брзо може да се дојде до правда и до правични одлуки спрема оние кои што ги прекршиле законите и кои што не се однесувале согласно позитивната законска регулатива. Едноставно, биле подложни на коруптивни и криминални дејства.

Таа мала процентна поддршка или доверба што ја има во правосудството е сериозен проблем, заради тоа што тоа е перцепцијата што граѓаните ја имаат во однос на одлуките кои што правосудните органи ги носат за оние прашања кои што се од јавен интерес. Тоа се најчесто, нели, за поранешни политичари и за бизнисмени, и едноставно преовладува мислењето дека секој што има пари, многу пари, може да си ја купи слободата. А граѓаните сакаат да видат дека без разлика дали е некој политичар, дали е бизнисмен, или дали е граѓанин без некаков статус во општеството, дека правдата треба да биде подеднаква за сите. И тоа е најголемиот предизвик кој што треба правосудните органи да го надминат и да покажат дека пред законот сме еднакви сите и дека сите одлуки што ги носат се исклучително според закон, без разлика на тоа за кого се однесува.

Грковска: Дигиталната трансформација ќе придонесе за намалување на корупцијата и забрзување на процесите

ИМА:    Честопати, сепак, администрацијата е предмет на критиките дека се крие зад владеењето на правото, за да ги оправда бирократските процедури кои честопати оневозможуваат остварување на основните човекови права. Што презема Владата и министерствата за да ги олеснат бирократските процедури и за да ги надминат овие бирократските препреки, на кои се жалат голем дел од граѓаните?

Грковска: Се согласувам сосема со таквата констатација и убедена сум дека процесот на дигиталната трансформација на општеството неминовно ќе придонесе за надминување на овие проблеми, заради тоа што намалувањето на физичкиот контакт меѓу барателот и давателот на услугата едноставно неминовно ќе придонесе за намалување на корупцијата и за забрзување на процесите.

Како претседател на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството којшто го формиравме пред извесно време, а во којшто се содржат сите чинители коишто ја имаат обврската за такво нешто, и банкарската асоцијација, и стопанските комори, и универзитетите што произведуваат ИТК кадар, ЗЕЛС, двете парламентарни комисии за буџет и за транспорт и врски, неколку министерства коишто ги имаат најголемите бази на податоци, итн. – ја усвоивме концепцијата за дигитална трансформација на општеството што преставува еден основен документ, врз основа на којшто треба да се градат сите стратегии понатака.

Паралелно со тоа, оди во обврска, матична обврска на Министерството за информатичко општество и администрација – дигитализација на процесите со помош на проекти од Европската Унија. За жал, тој процес не е со таква динамика која што јас лично би го посакувала, меѓутоа, се надевам дека новиот министер ќе внесе некоја подруга и поголема динамика за забрзување на овие прашања.

Грковска: Корупцијата е општествен проблем, сите институции мора да бидат одговорни и професионално да си ја вршат работата

ИМА:    И самите сте свесни за тоа дека граѓаните и јавноста реагираат на бројни случаи на корупција, на недомаќинско работење и злоупотреби на службената должност. Што презема Владата за да ја спречи корупцијата и какви конкретни мерки презема за борба против корупцијата, поконкретно, за да има одговорност за сите оние што не работат и не постапуваат во согласност со законите?

Грковска: Кога зборуваме за надлежности што мојот кабинет ги има во овој дел, јас сум одговорна за следење на почитувањето на етичкиот кодекс од страна на функционерите избрани и именувани од страна на Владата. И ние сме имале неколку случаи досега, за тоа јавноста е веќе запознаена, и со тоа сме покажеле дека за нас не е важно за кого станува збор, дека одлучуваме само врз основа на аргументите коишто ги имаме како документи.

Од друга страна, ние во изминатава година ги детектиравме слабостите во системот. Имавме во неколку сегменти, во соработка со нашите меѓународни партнери, со невладиниот сектор, и веќе оваа година имаме договорено активности, коишто ќе се фокусираат на надминување на системските слабости коишто сме ги детектирале.

Меѓу другото, знаете дека сите реагираат за начинот на именување на в.д. директори. Во завршна фаза мора да кажам дека е Законот за конфискација на имотот во вонсудска постапка, којшто ќе даде, според мое големо убедување, еден дополнителен придонес за пополнување на дупката во легислативата, што едноставно ќе биде и дополнителен асет на тоа да се покаже дека корупцијата не е исплатлива и криминалот не се исплатува.

Сум кажала многу пати дека овие прашања не се прашања коишто може да ги реши еден човек, ниту едно министерство, ниту една влада, дека ова е општествен проблем со којшто мора секој во нашиот капацитет да се соочи и да се спротивстави. И во таа низа на институции коишто се задолжени за борба против корупција и организираниот криминал, едноставно, мора да бидат сите одговорни и професионално да си ја вршат работата во доменот на нивните ингеренции. Една алка ако е послаба, тоа е систем на врзани садови – ако имате успех од страна на полицијата во апсење на криминалци, меѓутоа, ако тоа нема завршница кај обвинителството и кај судството – тогаш резултатот не е позитивен.

Значи, повторно се сведува на тоа дека, едноставно, правосудните органи мора да престанат да се солидаризираат со своите колеги, со своите колеги коишто се подложни на такви влијанија – имавме и обвинување за политички-бизнис влијанија од еден член на судскиот совет, и така натаму. Меѓутоа, сметам дека самите, за да се изборат за својата, како да кажам, вистинска улога и вистинска слика да дадат на најголемиот дел од членовите во правосудниот систем – мора да најдат механизам како самите внатре меѓу себе да се изборат и да ги санкционираат колегите коишто ставаат дамка на сите нив. Јас секогаш сум против генерализирање, секогаш зборувам за индивидуална одговорност, и знам дека не е пријатно кога ќе се зборува за цели професии, а реално сите знаеме дека станува за една мала група, која што остава белег на цела професија и тоа не е коректно, не е фер спрема останатите.

Грковска: Транспарентноста е една од главните алатки во борба против корупцијата и организираниот криминал

ИМА: Довербата во судството е прилично ниска, но довербата воопшто во институциите, вклучувајќи ги и владините институции во јавната перцепција е исто така ниска. Како, според вас да се зголеми довербата на граѓаните во владините институции, имајќи предвид дека истражувањата покажуваат зголемена недоверба? Можете ли да наброите неколку добри примери на интерсекторски политики, бидејќи тие се важни, а и вашата улога, на некој начин, како заменик претседател на владата задолжена за добро владеење е интерсекторска – има ли добри практики на интерсекторска соработка, интерсекторски политики, кои што може да се посочат како политики на добро владеење?

Грковска: Во суштина, сè што правиме, најголемиот дел од работите што ги правиме e во соработка со останатите институции. Јас, еве, сакам да искористам приликата да им се заблагодарам на сите за одличната соработка и фидбекот што го имаме од нивна страна. Го спомнав Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, којшто е еден прилично добар пример за интерсекторска соработка. Законот, којшто го напоменав, го правиме заедно со останатите институции.

Вие знаете дека направивме едно упатство за транспарентност што исто така беше со сите институции – побаравме од сите институции да нѝ дадат список на сите информации коишто во изминатите две години биле најчесто барани од страна на граѓаните. Собравме документација од околу стотина страни и, заедно со Центарот за управување со промени и Агенцијата за слободен пристап на информации од јавен карактер ги категоризиравме, направивме упатсво и, врз основа на тоа упатство, ги задолживме сите институции – министерства и институции – тие наведени информации во упатството да ги објават без да бидат барани од страна на граѓаните. И, на тој начин, од една страна им олеснивме на граѓаните веднаш да ја добијат информацијата која што се покажало дека најчесто ја бараат изминатите две години. А, од друга страна, овозможуваме поголема ефикасност на администрацијата, наместо постојано да дава одговор на исти прашања, тие можат да се фокусираат на нешто друго. Целта на ова беше да ја поттикнеме проактивната транспарентност, заради тоа што сметаме дека транспарентноста е една од главните алатки во борба против корупцијата и организираниот криминал.

 

Разговорот го водеше: Петрит Сарачини на 12.04.2023 година.

Камера и монтажа: Жарко Трајаноски

Транскрипт: Меритон Туша

#демократски_институции #institucione_demokratike #democratic_institutions #CivicaMobilitas

 

Проектот се спроведува со финансиска поддршка преку програмата Цивика мобилитас
​Projekti realizohet me mbështetje financiare përmes programit Civica Mobilitas
Picture

Дисклејмер: Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), кој го спроведуваат НИРАС, МЦМС и ФЦГ. Мислењата кои се изразени овде не нужно ги одразуваат ставовите на Цивика мобилитас, СДЦ или пак спроведувачките организации
Disclaimer: Civika mobilitas është projekt i Agjencisë zvicerane për zhvillim dhe bashkëpunim (SDC), të cilin e zbatojnë NIRAS, MCMS dhe FCG. Mendimet e shprehura këtu jo domosdo i reflektojnë qëndrimet e Cvika mobilitas, SDC ose të organizatave zbatuese.