Медиумите и дезинформациите на антиродовото движење (3)
Пишува: ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ
Во 2023 година, анти-родовото движење беше зајакнато со нови влијателни актери – религиозни лидери, нивни поддржувачи, јавни личности, интелектуалци, академици...Иако медиумите и новинар(к)ите имаат етичка должност да не шират дезинформации и говор кој поттикнува омраза или дискриминација, меѓу другото, и врз основа на пол, род, родов идентитет, сексуална ориентација и припадност на маргинализирана група, многу медиуми не се придржуваа кон овие етички императиви.
Лажни обвинувања за дискриминација на жените и децата
Кога на 18.04.2023 МПЦ беше повикана да ги искоментира ставовите на владиката Петар против родовата еднаквост, претставникот на МПЦ изјави дека „Ние како Црква не сме расправале за тоа, тоа е лично мислење, но не е далеку вистината“. (МПЦ не коментира ниту се оградува од ставот на владиката Петар против родова еднаквост). Но, веќе на 5 мај 2023 неколку медиуми го пренесоа заедничкото соопштение на лидерите на пет верски заедници во однос на предлог-законите за матична евиденција и за родова еднаквост. Јавноста не беше информирана како за толку кратко време, од неполни три седмици, МПЦ успеа не само да ги проучи овие два закони, туку и да изгради заеднички став со уште неколку верски организации.
Во соопштението потпишано од верските лидери на МПЦ, ИВЗ, скопскиот бискуп, Евангелско-методистичка црква и Еврејската заедница се тврди следново: „Сметаме дека се неприфатливи легалното признавање на „родовиот идентитет“ во овие закони, како и збунувачкото разликување меѓу: пол, род и родов идентитет. Преку нивното донесување, наместо да се заштитат, се отвора можност за дискриминација токму на најранливите – жените и децата!“.
Но, во Предлог законот за родова еднаквост воопшто не се споменува правно признавање на „родовиот идентитет“, туку само во Предлог на закон за изменување и дополнување на законот за матична евиденција. Уште во верзијата поставена на ЕНЕР уште во 2021 година се опишува потребата од промената: „Законот за матична евиденција не обезбедува јасна процедура за промена на ознаката за пол. Потребно е уредување на постапката за правно признавање на род со цел спроведување на Пресудата на Европскиот суд за човекови права за случајот на лицето Х против Република Македонија (Application no. 29683/16) од 17.01.2019 година како и негово хармонизирање со меѓународните стандарди во оваа област“.
Значи, потребата за законски промени произлегла од конкретна пресуда на Европскиот суд за човекови права. Пресудата е преведена на македонски јазик, и во неа се содржани и меѓународни стандарди на Советот на Европа и на ОН за законско/правно признавање на родот и родовиот идентитет.
Оттаму, непоткрепено е обвинувањето на верските лидери, дека со легалното признавање на „родовиот идентитет“ во овие закони „се отвора можност за дискриминација токму на најранливите – жените и децата“. Ваквото лажно обвинување не е насочено само кон предлагачот на законот, туку и кон Европскиот суд за човекови права, кон Советот на Европа и Комитетот за човекови права на ОН кој има побарано државите да го признаат правото на трансродовите лица да го променат својот род: „Комитетот ги повика државите да го признаат правото на трансродовите лица да го променат својот род преку одобрување на издавање на нови изводи од матичната книга на родените и со забелешка да се донесе законодавство кое го олеснува правното признавање на промена на полот.“ (X против РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 8 ПРЕСУДА, стр. 8)
Родовиот идентитет и разликувањето пол/род/родов идентитет го има одамна во законите
Гласноговорниците на анти-родовото движење креираа перцепција во јавноста дека родовиот идентитет е нешто ново и непознато во нашите закони. Но, изразот „родов идентитет“, кој во соопштението е во наводници, не се воведува сега, во законските текстови против кои истапи МПЦ заедно со другите верски организации. Изразот „родов идентитет“ веќе го имаме во повеќе усвоени закони од Собранието, кои се со години дел од правниот поредок. Изразот „родов идентитет“ е претходно правно признаен и содржан во Кривичниот законик – во дефиницијата на „дело од омраза“ и во член 407-а, каде што се санкционира оправдување на геноцид. Изразот „родов идентитет“ е законски термин и во Законот за заштита на децата, во Законот за заштита на правата на пациентите, во Законот за спречување и заштита од дискриминација, во Законот за социјална заштита, во Законот за јавно обвинителство, во Закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, итн.
Значи, не е вистина дека родовиот идентитет е нешто ново и непознато во законите, како што тоа го тврдеа гласноговорниците на анти-родовото движење. И медиумите одамна имаат забрана за емитување и создавање програми со кои се поттикнува или шири дискриминација, нетрпеливост или омраза, не само врз основа на пол и род, туку и врз основа на родов идентитет. Оттаму, обврска на медиумите беше да ги информираат граѓаните за забраната за дискриминација врз основа и на родов идентитет, а не да шират дискриминаторски дезинформации од гласноговорниците на анти-родовото движење против родовиот идентитет.
И правното разликување меѓу пол, род и родов идентитет, кое одеднаш за верските организации стана „збунувачко“ во 2023, е содржано во повеќе од претходно цитираните закони, усвојувани години наназад. Обврска на медиумите беше да ги информираат граѓаните за постоечките законски разлики, а не да шират дискриминаторски дезинформации за пол, род и родов идентитет. Со оглед на тоа што терминот „родов идентитет“, како и термините пол и род, со години се дел од правниот систем, логично е да се постави и прашањето: Зошто токму сега се крева паника и се пласираат дезинформации во врска со правните термини родов идентитет, родова еднаквост, род и пол, итн., кои се одамна дел од постоечкиот правен поредок?
Медиумите не треба да шират дезинформации за Истанбулската конвенција
Во заедничкото соопштение на лидерите на петте верски заедници се содржани и дезинформации за Истанбулската конвенција: „Изворот на овој загрижувачки тренд го лоцираме во ратификувањето на Истанбулската конвенција, која, благородната цел на заштита на жените и децата, ја искористи како параван за затскриено наметнување на родовата идеологија.“
Меѓутоа, Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција) сме ја потпишале на 08.07.2011, а е ратификувана кај нас на крајот од 2017 (Иванов го потпиша Указот за ратификација на Истанбулската конвенција.) Апсурдно е да се обвинува ратификувањето на Истанбулската конвенција за некакво „затскриено наметнување на родовата идеологија“, кога родовата еднаквост кај нас е признаена како една од вредностите на уставниот поредок уште во „Стратегија за родова еднаквост 2013-2020“.
Исто така, иако беше ратификувана во 2017, ратификацијата на Истанбулската конвенција беше содржана во програмата на ВМРО-ДПМНЕ од 2020 година, што е уште еден показател дека има убедливо политичко мнозинство за ратификацијата на Истанбулската конвенција: „Ратификацијата на Истанбулската конвенција несомнено ќе влијае на јакнење на националниот систем за спречување и заштита од насилството врз жената.“ (стр. 277)
И Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство (кој е практична имплементација на Истанбулската конвенција) немаше да биде донесен без поддршката на ВМРО-ДПМНЕ. Токму со овој закон, меѓу другото, се дефинира „Трансродово лице“ („лице кое родово не се идентификува со полот определен при раѓање“) и се идентификуваат како ранливи жени и „лезбијки, бисексуалки и трансродови луѓе“. (чл 7).
За новинар(к)ите, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство е битен не само затоа што е заснован на начелото на родово одговорни политики кои придонесуваат за родова еднаквост (чл. 9), туку и затоа што дефинира конкретни обврски за медиумите.
Токму затоа, медиумите имаат обврска да не објавуваат и дезинформации за Истанбулската конвенција, која „не наметнува ништо што би го „загрозило“ социјалното ткиво и вредностите на општествата“, туку „искоренувањето на насилството врз жените и семејното насилство Конвенцијата го става во контекст на постигнување, де јуре и де факто, на родова еднаквост“.
Во соопштението на верските организации се апелира и за повлекување на државата од Истанбулската конвенција „по примерот на многу земји членки на ЕУ кои од него се дистанцираа, како што се: Турција, Чешка, Унгарија, Бугарија, Словачка, Литванија и Латвија, и кои сè уште не го ратификувале, односно некои го отфрлија токму поради неговата родова компонента“.
Како прво, дезинформација е дека Турција е членка на ЕУ. Како второ, „родовата компонента“ е дел од нашиот систем далеку пред ратификувањето на Истанбулската конвенција. Трето, истиот ден кога беше објавено соопштението на верските организации беше актуелна веста дека „Европскиот парламент ќе гласа за воведување на Истанбулската конвенција“ (што и се случи на почетокот на јуни), настан кој не наиде на интерес во македонските медиуми. Во меѓувреме, за македонските медиуми беа поактуелни дезинформациите на верските лидери дека Истанбулската конвенција „ја загрозувала жената“ (МПЦ е против Истанбулската конвенција, ја загрозувала жената, рече г.г. Стефан), отколку информациите дека на 28 јуни 2023 и ЕУ ја ратификуваше Истанбулската конвенција, испраќајќи порака дека со тоа „ЕУ добива значајно орудие за борба против насилството врз жените и домашното насилство“.
(продолжува)
Авторот е раководител на истражувања во Институтот за медиуми и аналитика ИМА
Скорешни коментари