На 21 и 22 септември 2023 година, повеќе медиуми во земјава со речиси идентични текстови објавија дезинформација дека во Њујорк, за време на одржувањето на Генералното собрание на ООН, Зеленски и Украина биле пречекани со дигитален билборд на кој наместо „Слава на Украина“ пишувало „Слава на Урина“.

Како што може да се види од агрегаторите на вести time.mk и grid.mk меѓу медиумите кои ја објавија дезинформацијата беа и национални телевизии и многу влијателни портали.

Дезинформацијата беше објавена од Вечер Прес и Слободен печат (кој во меѓувреме ја отстранил објавата),+инфо, Макфакс, Фактор, Во Центар, Опсервер, ММС, Точка, Кајгана, Сител, Скопје 1, Канал 5, Скопско Ехо, Infomax, Mnet, Press24, и други.

Дезинформацијата беше врамена со сензационалистички изрази како „голем гаф“, „неверојатен гаф“, „засрамувачки кикс“, „невидена брука“, иако „гафот“, „киксот“, „бруката“ и „срамот“ не се ниту на ОН, ниту на Њујорк, туку на македонските медиуми кои уште еднаш станаа жртви на руски дезинформации.

Скриншот од медиумските објави на time.mk и grid.mk

 

Како извор на информацијата во дел од објавите се посочува српскиот портал Б92, а како директeн извор се посочува објавата на рускиот пропаганден профил на Твитер (Екс) Спринтер, од 21 септември 2023 година, во која се тврди:

„Слава на урината! Имаше поздравна порака за пристигнувањето на Зеленски во Њујорк. Но, наместо Слава на Украина, на знамето пишуваше Слава на урина….“.

Иако под текстот на твитот е додаден „контекст на сликата“ и информација дека станува збор за дигитално изменето видео, македонски медиуми ја пренесоа дезинформацијата од рускиот пропаганден канал, но не и информацијата дека „ова видео е дигитално изменето“.

 

Скиншот од твитот на пропгандистичкиот профил Спринтер, 21 септември 2023

 

Инаку, дигитално изменетото видео е објавено на 21.09.2023 и на Телеграм каналот на Марија Захарова, портпарол на руското МНР, каде што таа лажно тврди дека „не е фејк“.

 

 

Меѓутоа, дезинформацијата за видеото е разобличена од сервисот за проверка на факти на Aсошиејтед прес, кој на 21 септември 2023 година објави дека станува збор за „фабрикувано видео“: „Никаква реклама поврзана со Украина не била емитувана на билбордот…“, соопшти AP повикувајќи се на информации од компанијата што управува со билбордот.

И проверувачите на факти од Snopes на 21 септември објавија дека фразата „Слава на Урина“ станала топ тема во САД на Твитер, која била проследена со „фејк видео“.

И сервисот на проверка на факти на AFP на 22 септември го дебанкираше видеото со лажната порака, укажувајќи дека се вклопува во шемата на погрешни информации со кои се таргетира Украина.

И покрај тоа што „фабрикуваното видео“ беше дебанкирано уште на 21 септември, ден потоа дузина македонски медиуми станаа жртва на руски дезинформации кои се обидоа да ја дискредитираат посетата на Зеленски во Њујорк и неговото обраќање во ОН на 20.09.2023 .

И овој случај покажува колку македонскиот медиумски простор е ранлив на руски пропагандни дезинформации, поради недоволниот капацитет на медиумите за проверка на факти.

Ж.Т. и П.С.