Институтот за медиуми и аналитика ИМА на 28.09.2023 во Скопје ја промовираше публикацијата „Уставните измени во медиумите: дезинформации, медиумски манипулации, говор на омраза (анализи)“. Четирите авторски анализи во публикацијата ги детектираат главните наративи и модели на дезинформирање, како и медиумските манипулации и говорото на омраза во дебатата за уставните измени.

Во анализата „Дезинформации, теории на заговор и медиумски манипулации за предложените уставни измени“, авторот Жарко Трајаноски  укажува дека во медиумската и јавната комуникација поврзана со уставните измени продолжија дезинформациските наративи и манипулации кои беа препознаени за време на „францускиот предлог“ во 2022 година, и на Преспанскиот договор, референдумот и уставните измени во 2018 и 2019 година.

„Исто така, забележуваме во оваа анализа дека дебатата за уставни измени и овозможи и на проруската пропаганда да го зајакне влијанието на анти-западните и анти-ЕУ наративи во македонскиот медиумски простор, и дека речиси истите пропагандни мрежи и канали на комуникација и дезинформациски наративи за загрозеност на македонскиот идентитет, јазик и народ, кои што беа користени во 2018 година за време на Договорот од Преспа и референдумот, беа активни и во 2022 година и во врска со „Францускиот предлог“, а сега земаа замав и во 2023 година во врска со уставните измени“, истакна Трајаноски.

Тој посочи дека анализирајќи бројни медиумски примери, кои што содржат дезинформации, теории на заговор и медиумски манипулации, можеше да се детектираат неколку главни наративи. „Пред сè, наративот за „геноцид и етноцид“ врз македонскиот народ…, потоа, во оваа анализа се обработени детално исто така и наративите за „бугаризација“; потоа анализирани се дезинформациските наративи во врска со македонскиот јазик… дезинформациските наративи за почетокот, отворањето и продолжувањето на преговорите со ЕУ кои се во почетна фаза, во фаза на отворање, како и историските наративи со дезинформации и теории на заговор…“, укажа Трајаноски на промоцијата.

 

Според Трајаноски, заеднички именител на сите овие пропагандни наративи е што испраќаат застрашувачки и загрозувачки пораки упатени главно кон етничките Македонци – пораки дека предложените уставни измени го загрозуваат опстанокот на Македонците и македонскиот народ, дека го загрозуваат македонскиот јазик, македонскиот идентитет, македонската историја, како и опстанокот на државата. „Ваквите кампањи со пропагандни наративи ги јакнат стравовите, недовербата и ги потпалуваат етнонационалистичките страсти не само кај етничките Македонци, туку и кај другите делови на народи во Северна Македонија, па и пошироко на Балканот“, потенцираше Трајаноски на промоцијата.

За анализата „Уставните измени во алгоритамот дезинформации – омраза – поларизација“, авторот Зоран Бојаровски укажа дека говорот на омраза беше силна „придружба“ на јавната дебата и за предложените уставни измени: „Кога реферирам на тој алгоритам и на поларизацијата како краен негативен ефект од дезинформациите и говорот на омраза, сосема логично се наметнува да кажам дека, во таква ситуација, кога зборуваме за политичката култура, говорот на омраза е храната за политичката некултура.“

Како загрижувачки момент, Бојаровски го истакна тоа што говорот на омраза расте: „Она што е загрижувачки, тој говор на омраза расте, тоа не застанува, иако постојано се укажува, се апелира…но нема резултати, едноставно, бројот на случаи расте, и не само што расте туку и ескалира, и во неговиот интензитет, и во неговата негативна обоеност…Говорот на омраза, во оваа ситуација, за жал, го спонзорираат високи функционери и јавни личности.“

Според Бојаровски, говорот на омраза не само што експлодираше, туку и дополнително ескалира: „Ако во претходниот период кога правевме анализи за говорот на омраза за време на францускиот предлог и дебатата за францускиот предлог, кога рековме дека има ескалација, дека има експлозија, сега гледаме ескалација на таа експлозија“.

Д-р Сефер Тахири, зборуваше за својата анализа „Медиумите на албански јазик: Уставните промени, неопходни за интеграција во ЕУ“, посочувајќи дека тие имаа претежно афирмативно известување за предложените уставни измени. Тахири укажа дека „голем дел од медиумите им дадоа значителен простор на позициите на албанскиот опозициски фронт, составен од Демократското движење на Изет Меџити, Алтернатива на Африм Гаши и Движењето БЕСА на Билал Касами, кои побараа прогласување на предвремени парламентарни избори ако не се одобрат уставните амандмани“.

Тахири даде повеќе примери за дезинформации и медиумски манипулации, како и неколку медиумски примери за употреба на религиозен речник на албански политичари во дебатата за уставни измени: „Дури и координаторот на пратеничката група на Демократската унија за интеграција, Арбр Адеми, сакајќи да ја оправда неопходноста од измени на Уставот, на денот на почетокот на расправата, копирајќи ги зборовите на лидерот на оваа партија, Али Ахмети, што зборува за негување на култ на водачот, со религиозен речник рече дека „денес одиме пред мостот Сират“ (во исламската вера се проповеда дека мостот Сират е потенок од влакно и поостар од меч и на Судниот ден, оние што ќе го преминат ќе влезат во рајот).“

Тахири предупреди и на проблемот на објавување на стари вести (и дезинформации) како нови, како една од формите на манипулација со јавноста во контекст на уставните измени. На крајот од своето излагање, Тахири ги посочи и медиумските наративи кои ја спојуваа посетата на премиерот Курти во контекст на уставните измени: „Имаше наратив да се проба да се истакне дека посетата на премиерот на Република Косово во Република Северна Македонија се искористува за политички ефекти, но, и на некој начин, да се оттргнува вниманието од уставните измени“.

Петрит Сарачини зборуваше за својата анализа „Уставните измени во медиумите и на социјалните мрежи: Силна поларизација и омраза, слаба онлајн модерација, малку истражувања и претставки до саморегулаторните тела“. Тој посочи дека дел од медиумите намерно користат сензационализам, провокативни наслови или кликбејтови и дозволуваат секакви коментари со цел да ја подигнат читаноста на нивните постови и веб-страници. „Во иднина, треба да продолжи и работата на подигање на свесноста кај медиумите дека овие прашања само придонесуваат за намалување на довербата во нив и за бегство на публиката од медиумите што е и светски тренд…“, смета Сарачини.

Тој потсети и дека медиумските организации постојано укажуваат дека за минимизирање и сузбивање на говорот на омраза е потребно конзистентно дејствување и координиран одговор од надлежните институции – пред сè МВР и Обвинителството: „Години наназад, во земјата преовладува пракса на неказнивост на говорот на омраза. Иако се чини дека таа слика се менува во последно време, ситуацијата на терен, и во реалниот и во виртуелниот свет, вклучувајќи ја и жестоко поларизираната дебата за уставните измени, укажува на потребата од далеку поголеми институционални напори во оваа насока. Секако, во оваа насока, важна е и улогата на медиумите, кои треба да се вклучат поактивно во справувањето со овој негативен феномен и да се воздржуваат од содржини кои шират или предизвикуваат говор на омраза“, истакна Сарачини.

На крајот од излагањето, Сарачини упати апел до редакциите: „Ова е ваша битка. Ако избега публиката, се руши економскиот модел на редакциите, ќе почнат да се затвораат медиуми. Многу им е лесно на тие кои што се човек-два портал, да седнат и за 10 минути да напишат некаква дезинформација, или содржина со говор на омраза. Не треба да биде улога само на граѓански сектор и на факт-чекинг организации да се борат со дезинформации, говор на омраза, да ја едуцираат публиката. Тоа е улога на медиумите, воопшто. И доколку публиката се повеќе потпаѓа под вакви манипулации, сериозните медиуми ќе ја изгубат публиката и ќе се загрози нивниот опстанок. Затоа апелирам повторно, да се вклучат во оваа битка против дезинформациите и говорот на омраза“.

Публикацијата е дел од активностите на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, поддржани од Европскиот фонд за демократија (European Endowment for Democracy) од Брисел, и е придонес за остварување на заложбите на ИМА за унапредување на слободата на медиумите, справување со дезинформациите и говорот на омраза, развој на критичкото мислење и дебата, и потрагата по решенија за справување со овие важни предизвици.

Публикацијата може да се прочита на следниов линк:

Уставните измени во медиумите дезинформации, медиумски манипулации, говор на омраза (анализи)