Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) сметаат дека вчерашната судска пресуда против ИРЛ е поткопување на достоинството на новинарската професија,  напад врз интегритетот на новинарите и на слободата на изразување во Македонија, се вели во соопштението на професионалните медиусмки организации.

Реакцијата следуваше по судското рочиште во Основниот граѓански суд Скопје на 24.10.2023, на кое судијката Јованка Спировска Панева пред присутните во судницата ја објави пресудата поврзана со тужбата против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главниот и одговорен уредник Сашка Цветковска за утврдување на граѓанска одговорност за навреда и клевета, која ја поднесе Кочо Анѓушев, поранешниот вицепремиер во Владата на РСМ.

ЗНМ, ССНМ И СЕММ СМЕТААТ ДЕКА ПРЕСУДАТА ПРЕТСТАВУВА ПОРАЗ, КОЈА ГО СТАВИ ПРИВАТНИОТ ИНТЕРЕС НА МОЌЕН БИЗНИСМЕН ПРЕД ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС И ИНТЕРЕСОТ НА ГРАЃАНИТЕ, А ПРИ НЕЈЗИНОТО НОСЕЊЕ НЕ Е ЗЕМЕНО ПРЕДВИД НАЧЕЛОТО НА ПОВИСОК ПРАГ НА ТОЛЕРАНЦИЈА НА КРИТИКА КОЈ ТРЕБА ДА ПОСТОИ КАЈ ЈАВНИТЕ ЛИЧНОСТИ ОСОБЕНО ОНИЕ КОИ ИЗВРШУВАЛЕ ВИСОКИ ЈАВНИ ФУНКЦИИ – се вели во соопштението на трите организации

Во судницата пред присутните, судијата Спировска Панева наместо детално образложение на пресудата, таа на крајно скандалозен, срамен и непрофесионален начин искажа квалификации дека ИРЛ било регистрирано како здружение на граѓани“, а тужената ја нарече „новинарката која што се претставувала како истражувачки новинар алудирајќи на Цветковска, со цел да ја дискфалификува новинарската работа на медиумот – посочуваат ЗНМ, ССНМ и СЕММ.

„Покрај ова, судијата Спировска Панева истакна дека Здружението на новинарите на Македонија правело циркус со поднесувањето на претставката до Судскиот совет за утврдување на нејзина одговорност, притоа оставајќи впечаток пред присутните дека токму со оваа претставка, ЗНМ и укажало дека таа донела правилна одлука, иако истиот судија во првата пресуда со истите докази не најде елементи на клевета“, се укажува во соопштението.

Од друга страна, новинарските организации велат дека се непријатно изненадени од Фероинвест кои во текот на 24.10.2023 преку комерцијални објави во медиумите се обидел да се пресметува со новинари, изнесувајќи лични навреди, како и повик за институционален линч на граѓански организации. „Сметаме дека на овој начин се прават обиди да се влијае на понатамошните одлуки на судот“, оценуваат ЗНМ, ССНМ и СЕММ

 

ЗАТОА И СО ГОДИНИ УКАЖУВАМЕ ДЕКА СТРАТЕШКИТЕ ТУЖБИ ИМААТ ПОИНАКОВ КАРАКТЕР, ОДНОСНО СЕ КОРИСТАТ КАКО МЕХАНИЗАМ ДА СЕ ОБЕСХРАБРАТ МЕДИУМИТЕ, ДА СЕ ОБЕЗВРЕДНИ НОВИНАРСКИОТ ТРУД И ДА СЕ ИСЦРПАТ РЕСУРСИТЕ НА МЕДИУМОТ ПРЕД СУДОВИТЕ. ТОКМУ ОВИЕ ЕЛЕМЕНТИ КРУНИСАНИ СО ПРЕСУДА ВО ОВОЈ ПРОЦЕС СЕ ОЛИЦЕТВОРЕНИЕ НА SLAPP ТУЖБИТЕ (СТРАТЕШКИ ТУЖБИ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА ЈАВНО УЧЕСТВО). ОВИЕ ТУЖБИ, ПОСЕБНО КОГА СЕ ИНИЦИРАНИ ОД ПОЛИТИЧАРИ, ЕКОНОМСКИ МОЌНИЦИ И НОСИТЕЛИ НА ЈАВНИ ФУНКЦИИ, МОЖАТ ДА ПРЕДИЗВИКААТ ЦЕНЗУРА КАЈ НОВИНАРИТЕ, А СО ТОА ДА СЕ НАРУШИ ПРАВОТО НА ИНФОРМИРАЊЕ НА ГРАЃАНИТЕ. ЦЕЛТА НЕ Е ДА СЕ ДОБИЕ ПРАВДА ТУКУ ДА СЕ МАЛТРЕТИРААТ ТУЖЕНИТЕ СО ЦЕЛ ДА СЕ ДЕМОТИВИРААТ ИЛИ ДА СЕ ОТКАЖАТ ОД ЈАВНА КРИТИКА – се вели во соопштението

За овој случај и Европската федерација на новинари (ЕФН) и Меѓународната федерација на новинари (МФН) имаа реакција за транспарентноста, но и за самата пресуда. Новинарските здруженија остануваат да го мониторираат целиот процес до завршување на истиот. „Затоа бараме од јавноста да остане воздржана, да не прибегнува кон коментари во насока на навреди и клевети, бидејќи на исходот му претстојат исцрпување на сите правни лекови“, укажуваат трите организации во нивното соопштение.