Претседателот на ИМА, Петрит Сарачини учествуваше на националниот форум на Цивика мобилитас на тема „Од граѓански активизам до општествени промени – очекувањата наспроти реалноста“, што се одржа денес (15.11.2023) во Скопје.

Сарачини зборуваше за своите почетоци во граѓанскиот активизам со ангажиррањето во ЦИВИЛ – Центар за слобода, потоа во Македонскиот прес центар и Македонскиот институт за медиуми, како за своите децениски искуства како новинар и основач на медиуми и медиумски организации. Тој објасни и зошто го претпочита граѓанскиот сектор во споредба со партискиот ангажман.

„Граѓанскиот сектор е далеку послободен и во хиерархиска и во организациска смисла и има далеку поголема можност за реализирање на нечии идеали“, нагласи Сарачини.

Сарачини зборуваше и за своите ангажмани како посебен советник на министерот за култура, и како координатор на Одделението за мониторинг на медиуми во Секторот за односи со јавност во Владата на РСМ, за кое што укажа дека сè уште работи по истиот систем што бил воспоставен тогаш, што е показател за добро воспоставен систем на мониторинг на медиуми и владини комуникации.

Според генералниот впечаток на Сарачини, учеството на граѓанските активисти во власта е позитивно, и тоа не е феномен кој треба да се врзува за „Шарената револуција“.

„Се зборуваше многу за вклучувањето на граѓанските активисти од 2017, јас само би потсетил дека тоа не се ни првите, веројатно ни последните. Претседателот Ѓорге Иванов доаѓаше од граѓанскиот сектор, првата вицепремиерка во првата влада на Груевски во 2006, за жал покојната Габриела Конеска Трајковска доаѓаше од граѓанскиот сектор – Транспарентност Македонија, да потсетиме, Илија Димовски, Ивица Боцевски, итн.“, рече Сарачини во неговото излагање.

Тој укажа дека активистите кои од граѓанскиот сектор влегоа во институциите биле таргетирани со негативна јавна кампања:

„Не знам зошто во 2017 во општеството, на луѓе коишто штотуку влегоа во институциите од граѓанскиот сектор, се покрена една прилично негативна јавна кампања, би ја нарекол, затоа што содржини со напади по нив се појавија во повеќе медиуми, со слични наративи, на луѓе кои не ни беа почнати со работата за да им се мерат резултатите“, посочи Сарачини

Според него, таквите напади делувале „обесхрабрувачки кон сите други луѓе од граѓанскиот сектор, кои што можат да придонесат, и по мое мислење, би требало да придонесат и со вклучување во институциите, работа едно време таму, па и враќање назад.“

Сарачини потенцираше и дека истото важи и за новинарството и за медиумите. „Луѓе од медиумите влегувале во политиката, па и се враќале назад потоа во медиумите. Ова е сосем нормално во целиот свет, треба да биде нормално и кај нас“, рече раководителот на ИМА во неговиот настап на панел-дискусијата на Годишниот форум на Цивика мобилитас.

На панел-дискусијата, покрај Сарачини, учествуваа и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, пратеничката Љатифа Шиковска, директорката на Институтот за комуникациски Жанета Трајкоска, и членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Клековски. Настанот беше дел од програмата Цивика мобилитас финансирана од Владата на Швајцарија.

Ж.Т